Бизнис
28. January 2020 - 13:37

МФ утре ќе исплати 166,4 милиони евра по основ на стари доспеани долгови

– Министерството за финансии информира дека утре ќе врати 166,4 милиони евра по основ доспеани долгови и тоа 155 милиони евра за втората рата на ПБГ заемот земен 2013 година и 700 милиони денари по основ издадени државни хартии од вредност.

Годинава, како што стои во соопштението, треба да се отплатат стари долгови во износ од 702,7 милиони евра, од кои кон надвор, односно надворешен долг – 437,8 милиони евра и домашен долг од 264,9 милиони евра.

-Покрај ПБГ заемот, во декември треба да се отплати останатиот дел од еврообврзницата од 2015 година во износ од 180 милиони евра со каматна стапка од 4,9 отсто. Вкупната вредност на еврообврзницата издадена во 2015 година е 270 милиони евра, од кои во 2018 година со издавањето на еврообврзницата со најниска камата досега од 2,75 отсто, беа рефинансирани 92 милиони евра од еврообврзницата од 2015  или првпат беше предвреме отплатена која било од еврообврзниците и воедно намален товарот за отплата во 2020 година, стои во соопштението.

Од Министерството за финансии наведуваат дека јавниот долг е стабилизиран. Ако во 2016 година тој изнесувал 48,8 отсто, согласно последната состојба, јавниот долг изнесува 47,7 отсто и тоа со вклучен негарантиран долг (околу 0,3 п.п), кој порано не бил вкалкулиран. Стабилизацијата на јавниот долг се должи на прудентна политика која ги таргетира компонентите кои го креираат долгот: буџетскиот дефицит – преку постепена консолидација и сервисирањето на старите долгови – по каматни стапки пониски од порано и повисока рочност.