Македонија
10. August 2021 - 10:40

МФ: Македонските компании ќе може да учествуваат на НАТО тендерите

Македонски компании од утре ќе може да учествуваат на јавните тендери на НАТО со годишен буџет од околу пет милиjaрди евра, соопшти Министерството за финансии (МФ). Измените на Законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, со кои се овозможува ова, се објавени во Службен весник. Во Законот се утврдени процедурите и постапките согласно кои македонските компании ќе можат да учествуваат на јавните набавки за потребите на НАТО пазарот.

Со овој закон се уредува и начинот на проверка и потврдување на исполнетоста на условите за учество на економските оператори регистрирани во РС Македонија во постапките за набавки за потребите на Северноатлантската договорна организација и нејзините земји членки.

Економските оператори кои сакаат да учествуваат во постапките за набавки за потребите на НАТО и нејзините земји членки се евидентираат во евиденција на економски оператори што ја води Министерството за одбрана.

-Членството во НАТО треба да делува како катализатор на економскиот раст. Со подобрување на состојбата со пандемијата предизвикана од коронавирусот се очекува и поголем раст на странските инвестиции. Во примерот на Бугарија, странските директни инвестиции, анализирано пет години пред и по влезот во НАТО, се скоро три пати повисоки, односно од седум проценти на 19,8 проценти од БДП. Во Албанија тие се двојно поголеми, или од пет на девет отсто од БДП. Во Романија, исто така има висок раст, од 2,8 проценти на 7,2 процента по пристапувањето во НАТО, додека кај Чешка од 3,2 на 7,7 проценти, наведува МФ.

Според Министерството, во земјите кои пристапиле кон НАТО во 2004 година, просечниот раст на извозот се зголемил од 6,8 проценти во периодот пред зачленувањето во НАТО на 11,8 проценти во периодот по пристапувањето во НАТО.