Македонија
31. October 2016 - 17:33

МФ: ЕУРОСТАТ го демантира Наумов, Македонија е ниско задолжена земја

Соопштението на дополнителниот заменик министер Наумов е манипулација – утре нема да има ново задолжување со државни хартии од вредност, туку презапишување на средствата. Тој е запознаен со тоа, и секој граѓанин кој ќе ја отвори веб страната на Министерството за финансии може да го провери овој податок.

Манипулација е и тезата која сака да ја пласира Наумов во јавноста дека Македонија е презадолжена земја. Демант за тоа добива од најрелевантниот извор – европската статистика Еуростат која ја рангира Македонија меѓу најниско задолжените земји во Европа и регионот. 

Ова го истакнува Министерството за финасии (МФ) во реакција на денешната изјва на дополнителниот заменик-министер за финансии Кире Наумов кој по објавувањето на официјалните податоци за јавниот долг, рече дека за девет месеци е зголемен за 532 милиони евра и оти надмина 50,6 проценти од БДП.

- Да потсетиме дека во 2005 година долгот на државата изнесуваше 36,7 отсто. Денес државниот долг изнесува 41,9%, но двојно е зголемен и брутодомашниот производ...Со предвремена отплата на кредитите Македонија во 2008 година имаше историски најнизок долг од 20 отсто. Ова остави фискален простор, за време на светската економска и европската должничка криза, Владата да спроведе политика на јавни инвестиции кои го придвижија економскиот раст и помогна да се надминат последиците од глобалната економска криза, се вели во реакцијата од МФ.

Македонија, се додава, преку кредит од Европската инвестициска банка во вредност од 350 милиони евра, во време на светската криза, кога капиталот беше тешко достапен, го поддржа приватниот сектор со пласирање на субвенционирани кредити на малите и средни претпријатија. Оваа инјекција беше силна поддршка на секторот на мали и средни претпијатија и резултираше со 7.000 нови работни места.

- Преку јавните инвестиции се стимулираат повеќе економски гранки, а истовремено се отвораат нови работни места и се создаваат трајни вредности за граѓаните. Изградбата и рехабилитацијата на патните и железничките делници на Коридорите 8 и 10, изградбата на регионални и локални патишта, гасификацијата, изградбата и модернизацијата на клиничкиот центар Мајка Тереза и регионалната клиничка болница во Штип, проектот за Подобрување на општински услуги се само дел од проектите во кои се вложуваат средства и кои ќе имаат повеќекратен позитивен ефект врз економијата и животот на граѓаните...Потсетуваме дека заклучно 2005 година долгот изнесуваше две милијарди евра, која е листата на капитални инвестиции зад овие 2 милијарди евра?, се истакнува во соопштението од МФ.