Балкан
13. јуни 2018 - 8:52

Мета: Историски договорот меѓу Скопје и Атина

Албанскиот претседател Илир Мета го поздрави договорот за спорот со името постигнат меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас,  оценувајќи го истиот како историски.

- Многу сум радосен за историскиот договор за името на Македонија. Доаѓа во долгоочекуван момент како јасна евро-атлантска перспектива за нашиот регион. Честитки за храброста и одговорноста на политичкото раководство на Грција и на Македонија, што придонесоа за ова важно достигнување, оценува албанскиот претседател Илир Мета.

Потпишувањето на договорот преку Твитер  го поздрави и премиерот Еди Рама.

- Двајцата прогресивни лидери на соседните земји денеска испишаа историја и им кажаа на ЕУ и на светот како визијата и волјата може да го  надминат на минатото и да најдат простор за иднината, напиша Рама на Твитер на англиски јазик.

Постигнувањето на договорот го честиташе и шефот на дипломатијата Дитмир Бушати.

- Честитки за нашите соседи и пријатели кои постигнаа напредок со постигнување договор за прашањето за името. Со ова се отвора патот за интеграција во евроатлантското семејство не само на една земја, туку и на целиот регион. И покрај сите потешкотии, дипломатијата функционира, смета Бушати.

Албанските медиуми отстапуваат широк простор на информациите околу договорот, пренесувајќи ги изјавите на македонскиот премиер Заев, на грчкиот Ципрас, на лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Мицковски.