Фудбал
14. November 2016 - 16:34

Меси не сака да потпише нов договор?!

Првата ѕвезда на Барселона и еден од најдобрите фудбалери на денешницата, Лионел Меси, одбил да го продолжи договорот со клубот, објави весникот Marca.
 
Според наводите на весникот, кој традиционално е наклонет кон Реал, одлуката да не го продолжи договорот Меси ја донел уште во јули и најпрвин го известил својот татко, а потоа и претседателот на Барселона, Жозеп Бартомеу.
 
По почетниот шок, Бартомеу на сите во клубот им порачал да останат мирни, а на Меси му рекол да размисли уште еднаш, потсетувајќи дека обештетувањето за него изнесува 250 милиони евра, сума која во неговиот договор стои од 2014 година кога тој по седми пат го продолжи договорот со клубот.
 
Актуелниот договор на Меси со Барселона истекува во јуни 2018 година.
 
Marca во својот коментар наведува дека одлуката на Меси е предизвикана од серијата лични и спортски проблеми кои му се случија во наведниот период.
 
Меси и неговиот татко Хорхе, во јули годинава беа осудени на 21-месечна затворска казна, условно, по три одовени точки од обвинението за даночно затајување.
 
Фудбалерот притоа беше парично казнет со два милиона евра, а неговиот татко 1,5 милиони евра за даночните затајувања.
 
Судскиот процес и пресудата влијае врз Меси, бидејќи тој 11 дена по пресудата го промаши клучниот пенал во финалето на Копа Америка против Чиле.
 
Финалето на 100-то издание на Копа Америка беше трет пораз, во исто толку години, на Меси и Аргентина во финалињата на големите натпреварувања, поради што тој објави дека ја напушта репрезентацијата, но потоа ја повлече својата одлука.
 
Инаку, Бартомеу сé уште се надева дека Меси ќе го смени мислењето, како што тоа го направи со играњето во репрезентацијата и на 1. ноември, дека за околу два месеци ќе започнат преговорите со Меси и неговите застапници за потпишување на нов договор кој ќе направи најплатениот светски фудбалер.
 
Барселона, во изминатиот период, успеа да потпише нови договори со Нејмар, Бускетс и Маскерано, а блиску до продолжување на соработката е и Луис Суарез.
 
Кога клубот ќе ги завршши преговорите со Суарез, нови договори ќе им бидат понудени на капитенот Андрес Иниеста, Иван Ракитиќ и голманот Марк-Андре тер Штеген.