Свет
29. November 2017 - 18:57

Меркел: Поголема помош во Африка во борбата против илегалната миграција

Германската канцеларка Ангела Меркел на денешниот Самит ЕУ-Африка во Абиџан вети поголема поддршка од страна на Европската унија за борбата на африканските земји против илегалната миграција. 

- Многу е важно да ги поддржиме Африканците да ја прекинат илегалната миграција, за луѓето да престанат да страдаат во страшните кампови во Либија или да бидат предмет на трговија со луѓе, нагласи Меркел на самитот во Абиџан.

Миграцијата е главната тема на дводневниот Самит ЕУ-Африка особено откако неодамна беа објавени видеа на кои е прикажана продажба на мигранти како робови во Либија, што предизвикаа меѓународна осуда.

Второ важно прашање кое ќе биде разгледано на Самитот е и безбедноста, имајќи го предвид порастот на заканите од екстремизам во западниот дел на Африка. 

- Европа и Африка имаат заеднички интереси во спречувањето на илегалната миграција и создавањето на легална можност за луѓето во Африка да стекнат образование во нашата средина, истакна Меркел.