Свет
8. May 2017 - 21:24

Меркел ќе му помага на Макрон да ја намали невработеноста

Германската канцеларка Ангела Меркел чија партија вчера победи на парламентарните избори во покраината Шлезвих Холштајн денеска од Берлин вети максимална поддршка за новизбраниот француски претседател Емануел Макрон.
 
Какошто пренесува дописникот на МИА од Берлин Меркел му честита на Макрон за неговиот „спектакуларен“ изборен успех и вети дека ќе и помогне на Франција да се справи со високото ниво на невработеност која што е двојно повисока од Германија. Според Меркел нејзината земја ќе работи заедно со Франција со цел да се промовира Европската стабилност. 
 
- Тој носи надеж за милиони Французи како и за голем број луѓе во Германија и во цела Европа. Тој водеше храбра про - европска кампања, се заложи за отвореност кон светот и е одлучен да ја развива социјалната пазарна економија, изјави Меркел на прес конференција во Берлин. 
Победата за Макрон , според Меркел е позитивна за германско - француските односи кои што се основа на германската надворешна политика но изборните резултати во Франција  не се причина Германија да го менува својот економски курс.