Живот
26. April 2017 - 14:25

Ментално болен затвореник почина во самица, една недела го оставиле без вода

Ментално болниот затвореник Терил Томас (38) починал од акутна дехидратација, откако персоналот во затворот седум дена го држел без вода, се наведува во судското сведочење.

Томас починал пред година дена, но фактите за неговата смрт се обелоденети на сослушувањето одржано во понеделникот и вторникот.

Чуварите намерно го држеле без вода, како вид на казнување, се наведува во локалниот весник Милвоки Журнал.

Томас, кој е уапсен под обвинение дека убил човек и пукал со огнено оружје внатре во казино, на почетокот од служењето затворска казна се однесувал неартикулирано, поради што бил префрлен во самица. Со оглед на тоа дека не сакал да биде мирен, затворскиот персонал му го остранил доводот на вода во неговата келија, што неговото семејство го окарактеризира како мачење.

Затворениците велат дека своите последни денови ги поминал во агонија, залудно молејќи за вода.

Ослабил 16 килограми и станал многу слаб, пред да умре на бетонскиот под од својата келија во која немал ниту душек.

Неговата смрт предизвика голем скандал за ултраконзервативниот шериф на Милвоки, Дејвид Кларк.

Тој бесен му се заканувал на медицинскиот вештак од Милвоки зошто смртта на Томас ја окарактеризирал како убиство.

По крајот на истрагата, обвинителот ќе донесе одлука за тоа дали ќе го осомничи персоналот на затворот.