Македонија
29. October 2015 - 13:49

Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за храна и Македонско-руската стопанска комора

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија и Македонско-руската стопанска комора  потишааа Меморандум за деловно техничка соработка. Документот го потпишаа директорот на Агенција за храна и ветеринарство на РМ Зоран Поповски и претседателот на Македонско-руската стопанска комора Ѓорѓи Дика, во присуство на претставници на македонски компании од млечната и месната индустрија кои претходно беа посетени од страна на инспекциските служби на „Россељхознадзор" (Служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација).  

- Меморандумот е резултат на остварената соработка и потребата од усовршување на компаниите и инспекциските служби во однос на руските законски прописи и правила, изјави Ѓорѓи Дика, кој истакна дека овој Меморандум ќе придонесе за значајно зголемување на соработката меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство и членките на Македонско-руската стопанска комора во правец на развој на трговско-економските врски со Руската Федерација.

Од денеска, во организација на Македонско-руската стопанска комора, во Скопје се одржува дводневен семинар за законска регулатива, правила и прописи за извоз на млеко и млечни производи, месо и месни производи во Руската Федерација и Евроазиската царинска унија, на кој пристуствуваат претставници на компании од македонската млечна и месна индустрија. Семинарот го отвори извршениот директор на Македонско-руската стопанска комора  Дејан Бешлиев, кој говореше за значењето на информираноста и едукацијата во процесот на подготовките со што се скратува патот до успехот и посакуваните резултати.

Во рамките за семинарот, од страна на предавачи од А-ЦЕРТ, – официјална сертифицирана агенција на „Россељхознадзор", учесниците се запознаваат  со законската регулатива, процедурите, правилата и прописите како и со сите детали со кои компаниите ќе се сретнат во пракса при извозот на млеко и млечни производи, месо и месни производи на рускиот пазар и пазарите на Евроазиската царинска унија.

Македонско-руската комора која во дел на активностите е насочена кон зголемување на извозот на македонски производи во Руската Федерација, оценува дека со воведување на семинари и обуки, македонските компании поединечно ќе се стекнат со дополнителни придобивки и ќе бидат подготвени за планско и ефикасно постигнување на зацртаните цели, што ќе влијае на целокупната слика со зголемување на финансиските резултати од извозот на македонски производи во Руската Федерација.