Македонија
14. November 2015 - 17:49

Меѓународниот ден за борба против дијабетес одбележан во Битола

Здружението на граѓани за борба против дијабетес и лајонс клубовите „Битола“ и „Хераклеа“ на пригоден начин и со хуманитарна акција го одбележаа Меѓународниот ден за борба против дијабетес.

Лилјана Нечевска, лекар интернист во Клиничка болница-Битола информира дека според востановената традиција и овој 14. ноември организирале бесплатно мерење на шеќер во крвта и донација на здрава храна. 

- Оваа година акциите ги реализиравме под мототот „СТОП-Дијабетес“. За жал болеста дијабетес во светот е во подем и во овој момент има околу 400 милиони заболени луѓе, а од нив 200 милиони се недијагностицирани. За жал прогнозите се песимистички бидејќи се очекува до 2030 година бројот на заболени од дијабетес да достигне до 550 милиони луѓе, рече Нечевска. 

Во Битола денеска, како што рече, извршивме нешто повеќе од 100 мерења на шеќер во крвта и повторно, како и лани токму преку оваа акција што ја организираат битолските лајонси откривме ново заболени лица со дијабетес и веднаш ги упативме на лекување во Клиничката болница.

Членовите на здружението на граѓани за борба против дијабетес и членовите на лајонс клубовите „Битола“ и „Хераклеа“ апелираа секој граѓанин да практикува здрав живот, спортување, рекреација и користење на здрава храна со многу овошје.