Македонија
8. March 2017 - 8:18

Меѓународен ден на жената

Меѓународниот ден на жената - 8 Март денеска ќе биде одбележан во Македонија. Организирани се низа манифестации и трибини посветени на жената, а вообичаено на овој ден им се подаруваат цвеќе и подароци.

По повод празникот, Платформата за родова еднаквост ќе организира Марш за човекови права, кој ќе почне напладне од плоштадот Карпошово востание, ќе продолжи преку Камениот мост и плоштадот „Македонија“ и ќе заврши во паркот „Жена-борец“.

Националниот совет за родова рамноправност во соработка со Здружението на лица со телесен инвалидитет Мобилност Скопје, Домот за стари лица „Мајка Тереза“ од Злокуќани и организацијата „Зур Артикрафт“ организира изложба и базар на ракотворби.

Статистичките податоци говорат дека во Македонија од вкупниот број на население, 49,9 проценти се жени и оти тие живеат 3,9 години подолго од мажите. 

Во однос на мажите поголем е и бројот на дипломирани жени, односно 57,1 процент, како и бројот на жени магистри односно 58,6 проценти. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2015 година имало и 143 жени доктори на науки.

Вкупно биле вработени 282.078 жени, а кои 76,3 проценти биле вработени во компании во приватна сопственост. Над 95 проценти од жените се вработени со цело работно време.

Меѓународниот ден на жената е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 година во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911 година овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.