Македонија
3. May 2016 - 16:18

Меѓународен ден на слободата на медиумите

Слободата на новинарите во Македонија е гарантирана и обезбедена со законите а ограничувана во пракса. Македонската асоцијација на новинари на меѓународниот ден на слободата на медиумите вели дека опозицијата во континутитет врши заплашување, притисок, закани и навредување на новинари и редакции кои не се под нивна контрола. Според МАН на ова не реагираат ниту од дипломатските претставништва на САД и ЕУ во Македонија, ниту од меѓународните професионални организации по што нападнатите новинари и редакции се препуштени сами на себе.

-Селективното финансирање новинари и медиуми со пари од странски извори и тоа без исклучок блиски до политиката на СДСМ го урива медиумскиот пазар и рамноправноста на новинарите и медиумите.Во такви услови мнозинството новинари работат во амбиент кој е далеку од професионален, пазарен и слободен.

Како примери за притисоците МАН ги посочуваат десетината физички напади врз новинари од страна на активисти на опозициијата а исто така и упадите и кршењата на неколку редакции меѓу кои и Радио Слободна Македонија. Во низата примери влегува и изјавата на Заев во која ги прогласи највлијателните медиуми за свои непријатели.

Од другастрана според Здружението на новинари на Македонија, власта спроведува политика на етикетирање и затворање на новинари критички настроени кон нив. Како пример го наведуваат случајот со Зоран Божиновски, кој е во притвор поради изнуди во случајот Пуч.

По повод Светскиот ден на слободата на медиумите Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун изјави дека е многу загрижен поради „се поголемото рестриктивно окружување“ во кое се наоѓаат медиумските работници во многу држави.

-На Светскиот ден на слободата на медиумите, ги повикувам владите, политичарите, бизнисмените и граѓаните да се обврзат дека ќе ги чуваат и штитат независните и слободни медиуми. Без тоа основно право луѓето се помалку слободни. Со него, можеме заедно да работиме за свет достоинствен и со можности за сите.