Македонија
3. March 2017 - 23:15

Масовни протести во Скопје и неколку градови и денеска

Не за промена на уставот, ја сакаме Македонија унитарна – ова се дел од пораките кои вечерва ги испратија учесниците на мирниот протест на граѓанската иницијатива За заедничка Македонија. Петти ден по ред се одржува собирот на граѓани кој почнува од владата, се движи до канцеларијата на претседателот и завршува пред македонското собрание.

И вечерва илјадници граѓани го поддржаа протестот на граѓанското здружение. Според организаторите, на овие масовни собири недостасуваат албанците бидејќи и тие придонесуваат за животот во Македонија а со нивното присуство заедно се одбрани државата од странските влијанија.

Луѓе на различна возраст и различни професии го поддржуваат протестот на граѓанската иницијатива за заедничка македонија. Во него се вклучуваат и јавните личности.

Присутните на протестот сметаат дека е недозволиво да се воведе двојазичност на целата територија на државата. Велат дека својата поддршка ќе ја даваат се додека политичарите не се откажаат од таквата идеја.

Од граѓанската иницијатива нагласија дека македонскиот јазик е единствената и вистинска татковина. Неговото зачувување ќе значи и зачувување на името на државата и културниот идентитет на Македонија, велат од здружението за заедничка Македонија.