Балкан
25. December 2018 - 9:12

Машиновозачот на возот кој преполови автобус кај Ниш преживува кошмар, побарал психијатриска помош

Петмината патници од „автобусот на смртта“ кои починаа откако воз го преполови автобусот кај Ниш, вчера биле погребани, а еден дел од својот живот загуби и младиот машиновозач.

Човекот кој управувал со композицијата со судирот со автобусот по трагедијата отворил боледување поради шок и стрес.

Како што неофицијално дознава „Блиц“, се работи за помлад човек, на кого состојбата му се влошила по трагедијата и побарал психијатриска помош. Еден од неговите колеги, кој побарал да биде анонимен, во разговор за „Блиц“, вели дека колку и да се машиновозачите во ткот на школувањето подготвени за вакви работи, стресот не може да се изостави.

-Кога ќе се одлучиме за овој повик, свесни сме што се може да не чека на пругата. Во овој случај, ќе се осмелам да кажам дека колегата не можел ништо да направи. Страшно е кога одеднаш пред себе ќе видите возило како стои, а уште повеќе кога се работи за полн автобус. Секако дека му е тешко, потресен е, но не можеше ништо да направи, вели за „Блиц“ колегата на машиновозачот.

Од „Србија возови“ за „Блиц“ рекле дека вработениот отворил боледување и дека телефонот му е исклучен.

-Се надеваме дека ќе биде добро и дека брзо ќе се опорави од шокот и целокупната ситуација. Ви благодариме на разбирањето, кусо одговориле.

Колегата на машиновозачот додава дека ретко кога трагедијата може да се спречи и апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни.

-На пругите се случуваат лоши работи, од оние кои извршуваат самоубиство, до оние кои страдаат од невнимание. Разбирам и жал ми е за колегата, сите му посакуваме брзо опоравување. А сликите…Сликите секогаш се враќаат, ние машиновозачите мора да живееме со тоа, вели колегата.

Во несреќата животот го загубија пет лица, меѓу кои двајца малолетници, додека 27 се повредени. Тројца од повредените се уште се во тешка состојба.