Македонија
22. March 2023 - 16:32

Маричиќ со нов повик за разговори, ВМРО-ДПМНЕ демантира дека Мицкоски преговарал за уставни измени

Се стеснува ли просторот за отворање на Уставот согласно условите од преговарачката рамка за внесување на Бугарите во највисокиот законодавен акт?

Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ, и покрај тоа што опозициската ВМРО-ДПМНЕ одби да учествува во работните групи за отворање на процесот, денеска упати уште една нова покана до опозицијата. Тој најави дека од наредната недела ќе се формира и експертскиот тим што треба да ги состави и напише нацрт уставните измени.

Во меѓувреме пак, излегоа информации дека во Канцеларијата на ЕУ веќе се почнати средби со опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер за уставните измени и европските реформи.

Евроамбасадорот Гир иако изречно не потврдува средба со Мицкоски, сепак вели дека средбите дури и со опозицијата се нормална работа и дека редовно се случуваат бидејки пристапниот процес кон ЕУ, како што вели, треба да биде процес за кој има согласност од сите партии.

„Прашањето на уставни измени е суверена одлука што треба да ја донесе  оваа држава. Ние зборуваме за сите прашања кои се релевантни со сите засегнати страни, но уште еднаш би сакал да  не навлегувам во детали од разговори што ги имаме со лидери или челенови на политички партии. Доволно е да кажам дека сакаме да ја видиме оваа држава во ЕУ, патотот е отворен и сега имаме одлична можност и сега е времето да се искористи таа можност, како што чувте и од Вархеј минатата недела“

Од друга страна, по шпекулациите дека вчера Мицкоски имал состанок со Гир од ВМРО-ДПМНЕ демантираат дека таква средба имало. Од опозициската партија велат дека последен пат лидерот на партијата имал средба со евроамбасадорот пред два месеци.

Уставните измени се процес што опфаќа неколку месечни активности во парламентот. Очекувањата од Брисел се дека Македонија ќе го заокружи процесот во ноември со цел да се отворат и првите поглавја за преговори. За таа цел, премиерот Ковачевски најави дека процесот ќе почне во април. Собранискиот спикер Џафери пак, очекува нацрт-амандамните на Уставот да влезат во парламентот во јули.

Власта, без опозициската ВМРО-ДПМНЕ, не поседува 80 пратеници за да го отвори Уставот, но и за да ги изгласа уставните измени.