Бизнис
23. јуни 2018 - 11:28

Манчевски: Земјите од Западен Балкан заедно работат на трансформација на јавната администрација

  Земјите од Западен Балкан заедно работат на трансформација на јавната администрација, дигитално се се поврзуваат за да ги премостат инфраструктурните јазови и да се борат против корупцијата, порача министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на работилницата на тема: „Постигнувања и предизвици во реформата на јавната администрација во земјите од Западен Балкан“ во Маракеш, Мароко.

Работилницата е во организација на РеСПА, и е во рамки на меѓународниот форум за јавна администрација на тема: „Трансформирање на власта за остварување на целите за одржлив развој", во организација на Обединетите нации.

Министерот Манчевски, зборуваше за врската помеѓу информатичкото општество и администрацијата.

- Многу луѓе ме прашуваат каква е поврзаноста помеѓу информатичкото општество и администрацијата. Само пред неколку години, го поставував и јас ова прашање. Но, во денешно време, во овој 21 век, јадрото, основата на реформата на јавната администрација е ИКТ. Јадрото на промените на нашите општества, нашите животи е ИКТ. Многу земји го направија скокот напред и ги прифатија промените. Колку побрзо ќе прифатиме да се промениме и ние, толку подобро ќе бидеме за нашите граѓани, рече Манчевски.

Додаде дека дигиталната трансформација во администрацијата не е лесна.

- Тоа е всушност прилично скап потфат. Таа ги зема инвестициите во инфраструктурата, но и во човечките ресурси. Но конечно, имаме свест за важноста од овие промени. Но, конечно, и навистина сум среќен што сите земји од Западен Балкан се на иста линија, бидејќи само со здружени напори можеме да направиме нешто повеќе за нашите граѓани. Пример за тоа беше Дигиталниот самит во Скопје, каде што истакнавме дека сме обединети во дигиталната трансформација во администрацијата. Дека имаме волја, посветеност и соработка, заедно да ја прифатиме промената, истакна Манчевски.

Зборувајќи за продобивките од дигитализацијата, тој потенцираше дека со дигитализацијата се надминува и проблемот со корупцијата во администрацијата.

- Еден од главните предизвици во администрацијата и бизнисите во секоја земја е борбата со корупцијата. Човечкиот фактор, па дури и јас би рекол дека човечката природа е генератор на корупција. И повторно доаѓаме до ИКТ и дигитализацијата. Дигитализацијата значително ги намалува можностите за корупција. Автоматизираните и дигитализираните процеси не можат да бидат корумпирани. А лошата вест е дека на Балканот имаме проблеми со корупцијата. Но, добрата вест е што решивме дигитално да се поврземе и да ги премостиме инфраструктурните јазови со дигитални решенија и дигитално да се бориме против корупцијата. Клучен фактор, повторно, е силната волја и определувањето на клучните засегнати страни, заедно со силната поддршка што ја добиваме од нашите партнери, заклучи министерот Манчевски