Фудбал
8. August 2020 - 9:29

Манчестер сити и Лион изборија четвртфинале во Лигата на шампионите

Екипите на Манчестер сити и на Лион се пласираа во четвртфиналната фаза од фудбалската Лига на шампионите, откако вечерва ги елиминираа своите ривали Реал Мадрид, односно Јувентус.

На „Етихад“ во Манчестер, Сити по втор пат во осминафиналната пресметка го порази Реал. И овој пат резултатот беше 2:1, па „граѓаните“ со вкупни 4:2 одат понатаму.

Стрелци на головите за англискиот тим беа Рахим Стерлинг во 9. минута и Габриел Жезус во 68. минута. За Реал погоди Карим Бензема во 28. минута.

И Јувентус забележа победа со 2:1 вечерва на домашен терен против Лион, но тоа не беше доволно за италијанскиот шампион, па францускиот тим по победата на свој терен со 1:0 и поради правилото гол на гости, се пласира во четвртфиналето.

Лион поведе преку Мемфис Депај во 12. минута од пенал, изедначи Кристијано Роналдо, исто така од пенал во 43. минута. Португалецот го постигна и вториот погодок за „бјанко-нерите“, за пирова победа.

Манчестер сити и Лион го сочинуваат третиот пар во ЛШ. Претходно беа познати двојките: Лајпциг – Атлетико Мадрид и Аталанта – ПСЖ.
 
Последната двојка за четвртфиналето ќе биде позната утревечер по средбите Барселона – Наполи (1:1 прв натпревар) и Баерн – Челзи (3:0).