Македонија
21. October 2016 - 16:24

МАН најостро го осудува нападот врз новинарот Павле Беловски МАН бара од Спасовски да ги реши најмалку 11 напади на наши членови

Џумки по главата и модринки по телото на новинарот Павле Беловски, но и силна порака за слободата на медиумите. Нападот врз новинарот на ТВ Телма пред МВР го надополни списокот. Само неколку минути пред вклучувањето во вечерните вести на Телма, додека се подготвувал за известувањето Беловски бил нападнат од 32 годишник од Скопје. Насилникот започнал со тупаници по главата по што следеле ударите со нозе по новинарот додека полициските службеници не го привеле насилникот. Беловски вели дека не го очекувал нападот. Насилникот се појавил пред него и без било каква претходна комуникација започнал да го удира. Ова не е напад врз личноста туку врз професијата, порачува новинарот на Телма.

По распитот во полициската станица Центар напаѓачот заработил прекршочни пријави. Нападот го извршил под дејство на алкохол, покажува пријавата поднесена согласно член 6 од законот за прекршоци кој предвидува парична казна од 100 до 400 евра за нарушување на јавниот ред и мир во пијана состојба. Дополнително согласно пријавата по член 12 за напад на јавно место предвидена е казна од 600 до 800 евра.

Нападот врз Беловски го осудија и новинарските асоцијации и здруженија, а реагираше и агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Од МАН бараат најитно расветлување на случајот бидејки според нив ова претставува атак врз слободата на изразувањето и атак врз новинарската фела. Асоцијацијата потсетува дека досегашните случаи се дополнителна причина за ваквото барање. Од МАН велат дека има 11 напади врз нивни членови кои сеуште не добиле разрешница.

Остра осуда стигна и од ЗНМ. Тие оценуваат дека нападот бил оркестриран од структури на МВР.

Го посетуваме министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека
помина една година откако даде јавно ветување дека ќе работи на
расветлување на сите напади против новинари. ЗНМ досега има
регистрирано 35 напади против ноцвинари. Ниеден од нив не е расветлен,
ниту пак некој од насилниците е казнет.

Агенцијата за медиуми во својата реакција и осуда на нападот истовремено апелира да не се попречуваат новинарите и претставниците на медиумите во извршувањето на нивната професионална задача која е од исклучителна важност во овие општетствено – политички мигови.

Новинарите и медиумите мора да бидат оставени слободно да ја вршат својата работа. ВМРО ДПМНЕ ги осудува сите притисоци и напади врз медиумите и сите обиди преку какви било закани и прогласувања за непријатели, медиумите да бидат заплашени и цензурирани, пишува во дел од реакцијата на ВМРО – ДПМНЕ.

Интерес на сите граѓани е да ја дознаат вистината и да бидат информирани. Тоа е можно само ако новинарите непречено и без никакви закани по нивната безбедност и без притисоци ги извршуваат своите професионаплни задачи, се вели во дел од реакцијата на СДСМ.

Политичките партии ја поздравуваат брзата реакција и приведувањето на напагачот и бараат соодветна санкција.