Македонија
24. May 2016 - 11:54

„Мал битолски Монмартр“ во чест на патрониот празник „Св.Кирил и Методиј“

Првиот ден од меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ е во знакот на патрониот празник на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола кое името на сесловенските просветители го носи од првиот ден на основањето.

По синоќешното спектакуларно отворање, традиционалниот 20-минутен огномет и врачување на наградите за најдобрите ликовни творби кои беа претставени на светска изложба, учесниците денеска почнуваат со сликање на различни локации, истакна Коста Хаџиантоновски, раководител на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола.

-Патрониот празник го славиме со неколку јубилеи – 35 години „Мал битолски Монмартр“, 60 години лична педагошка дејност и 81 години живот, исполнет со голема посветеност кон децата од светот. Младите ликовни таленти утрово почнаа да сликаат пред Градскиот часовник, Старата битолска чаршија и на Широк Сокак и веќе учествуваат во првата новина на годинешната колонија, а тоа е избор на најдобриот поединец на денот кој ќе го избираат самите учесници. Во рамките на програмките новости е и наградата најдобар ликовен педагог која ќе ја доделиме на крајот од колонијата, посочи Хаџиантоновски.

Учесниците од  Европа, Азија и Африка три денови ќе сликаат во Битола, на 27 мај ликовниот караван ќе престојува во Крушево, а на 28 мај во Охрид. На 29 мај ќе се одржи ликовниот хепенинг „Рио 2016“ кога учесниците ќе сликаат на тема „Олимпијадата во очите на децата“, а најдобрите ликовни творби ќе бидат претставени на изложба во олимпиското село во Рио де Жанеиро.