Свет
22. јуни 2017 - 12:05

Макрон: Европа треба да ја добие битката за слобода и демократија

Наспроти порастот на екстремистичките и авторитарните режими и на нееднаквоста во светот, Европа е таа која треба да ја добие битката за слободата и демократија, да обезбеди социјална правда и да ја зачувува на планетата преку справување со климатските промени, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за парискиот весник „Фигаро“.

Како што јави дописникот на МИА од Париз, Макрон смета дека Франција може да претставува „моторна сила“ на Европа, но само ако таа прво се реформира.

Макрон ја повторува својата закожба за „една Европа способна да го трансформира светот“, изразувајќи надеж дека неговиот избор за претседател означува „почетокот на француската и европската ренесанса“.

Во интервјуто, Макрон ја брани политичка визија за Европа и упатува критики кон „некои европски лидери, кои и го вртат грбот на Европа, со циничен пристап кон Унијата, која им служи само за добивање средства без почитување на вредностите“.

- Европа не е супермаркет. Европа е заедничка судбина. Европските земји кои ги кршат правилата мора да се подготвени на политички последици, Јас нема да прифатам компромиси за солидарноста и демократските вредности, истакнува Макрон.

Залагајќи се за „Европа која штити со вистинска одбранбена политика и заедничка безбедност“, Макрон се залага за реформи на контролата на границите, на политиката за миграција и азил, како и за зголемување на соработката во бробата против тероризмот.

Шефот на француската држава смета дека кризите во светот произлегуваат делумно од длабоките нееднаквости на светскиот поредок и исламскиот тероризам. 

- Ние ќе ја добиеме оваа битка за која Европа ја сноси одговорноста, бидејќи таа е единственото место во светот каде што слободата на поединецот, духот на демократијата и социјалната правда се сплотени во една точка, оценува француксиот претседател.

Макрон се залага и за „поголема интеграција“ на земјите од Еврозоната со заеднички буџет и „демократско владеење“.

Во врска со Сирија, претседателот на Франција, најавува промена на политиката од претходните пет години. - Вистинскиот потег што го направив по оваа прашање е дека не најавив смена на Башар ел Асад, што досега беше предуслов за се, затоа што никој не ми претстави негов легитимен наследник, вели Макрон.

Тој истканува два приоритети во конфликтот во Сирија - апсолутната борба против сите терористички групи и постигнување на стабилност на државата.

За евентуални воздушни напади во случај на нова употреба на хемиско оружје, Макрон вели дека Франција е подготвена и сама да изврши вакви удари.

- Кога ќе поставите црвени линии, доколку не сакате тие да се почитуваат, вие самите решавате да бидете слаб, смета Макрон.