Балкан
22. February 2017 - 13:50

Макмастер: Србите во 1999 година знаеја за мерките на НАТО

Новиот советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Херберт Рејмонд Макмастер тврди дека поранешниот претседател на некогашна СР Југославија, Слободан Милошевиќ ги предвидел чекорите на Алијансата во 1999 година, благодарение на своите шпиони во НАТО, јави белградското радио Б-92.

Макмастер во минатото се занимавал со анализи во војната во Босна и Херцеговина и на бомбардирањето на НАТО на Југославија. 

- Милошевиќ ја распореди војската на границата со Косово, само неколку недели пред почетокот на нападите. Таа војска по почетокот на бомбардирањето ги исфрли Албанците на улиците, им ги зеде документите, им ги запали куќите и ги протера кон Македонија и Албанија. НАТО не го очекуваше тоа. Бомбардирањето го забрза етничкото чистење, наместо да го запре, рече Макмастер, според кој Белград знаел за чекорите на Алијансата од своите шпиони. 

- Србите евакуираа објекти, кои биле на листата цели. Верувам дека Југославија имаше шпиони во редовите на НАТО, а информаторите, кои беа во близина до базата Авиано во Италија соопштуваа кога авионите полетуваат. Поради сето тоа акцијата на НАТО беше неуспешна, за 78 дена беа уништени помалку од пет проценти од борбените системи на Југославија, а размерите на неуспехот станаа видливи едвај по завршувањето на акцијата, посочува Макмастер.