Кошарка
4. February 2020 - 20:18

Македонските кошаркари против Естонија на стартот од квалификациите за Еуробаскетот 2021

Машката сениорска репрезентација на Македонија за нешто помалку од дваесет дена ќе започне нова етапа за учество во трката за надигрување на најдобрите селекции од Стариот Континент. На 20. февруари, во А1 арената во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се играат против Естонија. Три дена подоцна, во Перм, следува дуелот со Русија.  
 
Александар Тодоров e нов селектор на македонската кошаркарска репрезентација. Новиот предводник на „црвено-жолтите“ јасно кажува дека целта му е да ја однесе Македонија на Евробаскетот 2021 година.
 
- Со Естонија ќе играме во салата Борис Трајковски, со тренинзи почнуваме на 13 февруари, со желба неколку дена подоцна да одиграме и пријателски меч од затворен тип. Што се однесува околу противникот, Естонија ни беше ривал пред некоја година, како сила е на наше ниво, но и тие имаат нов селектор, Финец кој работеше во Романија. И тие говорат за подмладување, па на тој прв меч нема да знаат многу за нас, а ниту ние за нив - изјави селекторот Тодоров .
 
На нашите кошаркари им треба вашата помош. Им треба такво нешто од нивниот верен шести играч кој ќе даде дополнителна поддршка од трибините. Помогнете им на кошаркарите да испишат нова историја низ страниците на македонската кошарка!