Кошарка
9. August 2019 - 9:04

Македонските кадети го отвараат Европското првенство против Шпанија

Од денеска до 18 август во италијанскиот град Удине, ќе се одржува Европското првенство за кошаркари до 16 години. 

 
Македонија за прв пат по пауза од 16 години, ќе биде дел од елитната А дивизија. Благодарение на генерацијата на играчи родени 2002 година предводени од селекторот Александар Јованчев кои лани во Сараево, го освоија третото место во Б дивизијата, сега генерацијата 2003-та и помлади е дел од 16-те најдобри на Стариот континент. 
 
Целта, но и обврската на оваа генерација е да се опстане во елитната група. 
 
„Да бидеме реални. Наша цел е опстанок во А дивизијата. Ние тешко може да се бориме за медал“, изјави кратко пред заминувањето за Италија, селекторот Денис Дервишевиќ.
 
Но. Задачата нема да биде ни малу лесна. 
 
Македонските кадети се во групата Б заедно со европскиот вице-првак Шпаниај, секогаш незгодниот Израел и традиционално добрата кошаркарска школа на Летонија. 
 
Црвено-жолтите првенството го отвораат денеска со дуелот против Шпанија чиј почеток е закажан за 14 часот и 15 минути (ВИДЕО)
Во истиот термин утре, играме против Израел (ВИДЕО).
Ден подоцна (недела) е последниот меч од групата против Летонија кој ќе се игра од 18 часот и 45 минути (ВИДЕО).

Според утврдениот ситем на натпреварување, без разлика на пласманот во групната фаза сите репрезентации кои се поделени во четири групи по четири селекции, ќе продолжат во нокаут-рундата. 

 
А, токму осминафиналето е можеби и клучно за остварување на целта. Евентуална победа во осминафиналниот меч, во кој Македонија за противник ќе има една од селекциите кои играат во групата А (Италија, Хрватска, Русија и Германија), ќе значи и остварување на целта. Евентуален пласман во четвртфиналето носи и двојна шанса за петата позиција во конечниот пласман со тоа и учество на Светското првенство.

Пораз во осминафиналето ќе значи и три шанси да се избегнат последните три места (14,15 и 16), што е и примарна цел на оваа селекција. 

Настапот на македонските кадети на Евробаскетот ќе може да се следат на официјалниот „YouTube“ канал на ФИБА, а комплетните детали (резултати, статистика, видео) на следниот линк. 

 
                    МАКЕДОНИЈА У16 НА ЕП 2019