Loading Video...
Фудбал
24. March 2021 - 15:20

Македонските фудбалери веруваат во позитивен резултат против Романија

Со 12-те натпревари што ќе се играат вечерва на фудбалските терени ширум Европа, започнува новиот квалификациски циклус, овој за СП во Катар.
 
Репрезентацијата на Македонија својот натпревар од премиерното коло ќе го игра утре. 
 
Македонските фудбалери утринава заминаа за Букурешт, каде утре избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе играат против репрезентацијата на Романија. 
 
Иако со нашата експедиција за романската престолнина отпатува и Аријан Адеми, сепак тој поради мала повреда нема да биде во комбинација на утрешниот натпревар. 
 
Затоа пак во комбинација за дуелот против Романците ќе биде повратникот во националниот тим Агим Ибраими. 
 
„Сите играчи се во добар ритам, играат во клубовите и треба сите заедно да го пренесеме тоа во репрезентацијата. По успехот кој го направи Македонија, сега сите репрезентации го сфаќаат овој национален тим сериозно. Со вистински пристап, карактер и его, можеме да победуваме“,  изјави Ибраими.
 
Македонските фудбалери попладнево го одработеа и последниот тренинг по кој селекторот Ангеловски треба да реши со кои единаесетмина ќе го започне утрешниот меч чиј старт е закажан за 20 часот и 45 минути. 
 
Во овој, мартовски, круг од квалификациите, а во рамките на Ј групата, Македонија  ќе игра и против Лихтенштајн во недела (28 март) во Скопје, а потоа на 31 март (среда) ќе и гостуваме на Германија.