Бизнис
25. May 2016 - 12:53

Македонскиот и српскиот катастар ја продлабочуваат соработката

Делегација од Републичкиот завод за геодезија на Србија, предводена од директорот Борко Драшковиќ, од денеска до петок престојува во посета на Агенцијата за катастар на недвижности каде преку студиски сесии ќе се запознаат со работата на Македонскиот катастар и ќе разменат знаења и искуства кои ќе можат да ги користат за напредокот на нивната институција.

Целта на посетата е Српскиот катастар да се запознае со системите и правната регулатива на Агенцијата за катастар на недвижности, да видат како практично се спроведува целиот процес на работа од примање на предмети до нивно решавање и начинот на кој Агенијата е електронски поврана со институциите и компаниите кои се корисници на нејзините услуги.

- Во минатото и сега со Српскиот катастар учествуваме на многу заеднички проекти, а од денеска заедно сме учесници и на Проектот за имплементација на Истпајар директивата што се спроведува во сите држави од поранешна СФРЈ, рече директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека во моментов двете институции работат на потпишување договор со кој ќе можат да ги разменуваат податоците од македонскиот „Макпос“ систем и српскиот „Агрос“.

- Во наредните три дена српските колеги ќе можат да се запознаат со проектите на кои работи Агенцијата за катастар, пред се електронскиот катастар, електронскиот шалтер и дигитализацијата, како и масовната проценка, стратешкото планирање, .., рече Трпески и додаде дека ќе се разменат и искуства за многу работи во кои Српскиот катастар е понапред од нашиот.

Директорот на Српскиот катастар истакна дека Македонскиот катастар веќе 10 години го спроведува проектот на Светска банка што дури сега почнува да се имплементира во Србија.

- Македонскиот катастар е еден од престижните  катастри во Европа и светот и чест ни е што ќе бидеме во можност да видиме како функционира современ катастар. Очекувам во наредните денови колегите од Македонија да ни презентираат до каде се стигнати и какви се нивните искуства. Се надевам дека на крајот на проектот ќе бидеме на исто или на повисоко ниво од нивото на кое е денеска Македонскиот катастар, рече Драшковиќ, нагласувајќи дека искуството на Македонскиот катастар е многу значајно за нив. 

Додаде дека се тука за да видат што треба да имплементираат во нивното законодавство и како да го постават системот за да се надминат проблемите кои ги имал Македонскиот катастар на почетокот на спроведувањето на проектот.

- Катастарот во Србија моментно функционира според наследените стандарди од 20. век за разлика од стандардите што ги има воспоставено Македонскиот катастар благодарение на проектот на Светска банка, потенцира Драшковиќ. 

Агенцијата за кататар на недвижности, која е често препорачувана од Светска банка на другите катастри во светот кои се во развој како успешна институција во реформите во делот на информатичката технологија, досега ја посетија и катастрите на Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Азербеџан, Никарагва, Хондурас,..