Македонија
26. September 2017 - 11:40

Македонски превод на романот „Лајка“ од романскиот писател Адријан Алуј Георге

„Македоника литера“  го објави романот „Лајка“ на познатиот романски писател Адријан Алуј Георге, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова. Романот раскажува приказна за последните моменти на комунизмот во еден санаториум, додека пред очите на пациентите се одвива револуцијата.

До самиот крај на тоталитарниот период во Романија, менталната болница во Глод служи како скривалиште за поранешни комунистички мачители и активисти повлечени од системот, заедно со пациенти со широка палета на болести, меѓу кои и со лажни заболувања.

- Кучето Лајка е галениче на докторите и (заедно со други животни) помага во терапијата на пациентите. Истренирано е да јаде само руска и кинеска храна, станува идол на работничката класа, идеален за претставување пред диктаторот... Романот е духовита и хумористична сатира за комунистичка Романија, соопшти издавачот. 

Романскиот литературен критичар Разван Вонку за книгата вели: „Адријан Алуј Георге во романот ’Лајка’ создава една фикција која е поавтентична од самата реалност. Истовремено, ни дава лекција колку тенка беше, во нашата неодамнешна историја, линијата за демаркација меѓу нормалното и апсурдното“.

Романот е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2015 година на Сојузот на писателите на Романија.

Адријан Алуј Георге (1958) е значаен и наградуван романски писател. Доктор е по филозофија, работи како универзитетски професор, а работел и како хемичар, рудар, советник за култура, директор на музеј. Добитник е на голем број награди и признанија и има богат творечки опус. Објавил прозни, поетски и публицистички дела. Најпознати дела му се романите „Лајка“ и „Последица“, а неговиот најнов роман „Залудна месечина“ е објавен во 2016 година.