Бизнис
7. April 2020 - 14:34

Македонија влегува во критична фаза, власта и опозицијата со различни анализи за тоа кој е виновен

Македонија влегува во критична фаза, тврди лидерот на СДСМ Зоран Заев. Повикувајки се на стручни мислење, вели дека ни следи најтежок и најсериозен период од пандемијата со корна вирусот. Во видео обраќање Заев ги повика граѓаните целосно да ги почитуваат заострените мерки и полицискиот час за да се спречи ширењето на КОВИД 19. Лидерот на СДСМ тврди дека власта реагирала навремено и презела мерки за заштита на здравјето на граѓаните, но и за санирање на економските последици. Повика на меѓусебна солидарност.

 Ајде да си помогнеме себеси, да им помогнеме на нашите најблиски, да им помогнеме на здравствените работници, на институциите на системот. Седете дома, мијте раце, држете растојание, почитувајте ги мерките и препораките секогаш и секаде. За животот се работи. Знам дека постои загриженост кај граѓаните, за здравјето но и за економијата, за своите работни места, за месечните приходи, за парче леб... Веќе се објавени пакети со сериозни економски мерки, државата спасува над 250 илјади работни места, им помагаме на работниците, на граѓаните, да им обезбедиме приход да ја пребродат кризата. Државата дава 14.500 денари плата за секој работник во фирмите кои што се погодени со кризата, затоа што секој работник е важен. Во овие тешки времиња обезбедивме првична поддршка од 200 милиони евра, им помагаме на 35 илјади фирми да ги ублажат последиците од економската криза.

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека државата се соочува со најтешките мигови од осамостојувањето, но причината за тоа ја гледаат во власта. Генералниот секретар на партијата вели дека власта задоцнила и со здравствените и со економските мерки.

Она што можеме да го видиме се задоцнетите реакции и слободно можам да кажам безобразниот пи-ар кои што нè доведоа до една галопирачка стапка на раст на бројот на заболени. Медицинскиот персонал е незаштитен, галорак се справува со пандемијата. Нема скафандери, нема визири, нема соодветни заштитни маски и ракавици односно опрема која што им е потребна во борба со вирусот.

Економијата е пред колапс, таканаречените мерки на владата буквално се никакви, едноставно речено се за потсмев. Над 33.000 работници од сектор на туризам и угостителство, односно вработените во хотелите, рестораните, кафаните, кафичите остануваат без помош од државата, а со тоа остануваат без плата. Како што веќе кажав над 20% или некаде околу 160.000 луѓе од Македонија остануваат без работни места, односно остануваат без основен основ за егзистенција.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Владата да ги прифати нивните предлози за економски и здравствени мерки.