Македонија
4. August 2020 - 13:29

Македонија лидер во регионот според смртноста од корона вирусот

Со тројцата пациенти кои починаа вчера, бројот на жртви на корона вирусот достигна 500, а според официјалната статистика на Министерството за здравство од почетокот на кризата до вчера регистрирани се 11.140 позитивни случаи. Од нив се уште активни се 3.667 додека кај 6.973 веќе нема присуство на вирусот. 

До сега вкупно се спроведени 105.984 тестирања што значи дека нешто повеќе од секој десетти тестиран граѓанин бил позитивен на вирусот. 

Според официјалната статистика, секој 22ри позитивен случај завршува со смрт. Податоците покажуваат дека Македонија е во топ 10 во Европа според бројот на починати пациенти на 1 милион жители. Заедно со вчерашните бројки Македонија починале 240 пациенти на милион жители што е деветти најлош резултат во Европа и убедливо најлош во регионот, бидејќи најблиску до нас од земјите од поширокото опкружување е Босна и Херцеговина каде се регистрирани повеќе од двојно помалку или 110 жртви на милион жители. Во Црна Гора починале 83 пациенти на милион жители, 68 во Србија и 60 во Албанија. Најдобра статистика има соседна Грција каде од почетокот на кризата починале вкупно 209 пациенти или 20 на милион жители. 

На сила се уште се мерките за задолжително носење на заштитна опрема, а полицијата утрово информираше дека во текот на вчерашниот ден напишала вкупно 395 казни поради неносење на заштитна маска.

 

Александар Спасовски