Македонија
25. October 2018 - 16:21

Македонија ќе испраќа 12 војници во мисијата „Одлучна поддршка“ и еден во „Алтеа“

Дванаестмина припадници на АРМ во ноември треба да заминат во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, а мандатот ќе им заврши по шест месеци, во мај, додека во мисијата „Алтеа“ во БиХ, Македонија ќе учествува еден припадник, штабен офицер, исто така со мандат од шест месеци.

Собраниската Комисијата за одбрана и безбедност ги проследи денеска Предлог-одлука за испраќање на припадници на АРМ за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“, во Исламската Република Авганистан и Предлог – одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Македонија за учество  во мировната операција на ЕУ „Алтеа“, во Босна и Херцеговина на натамошна собраниска постапка.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во обраќањето до членовите на Комисијата истакна дека  12-мината припадници на АРМ ќе асистираат или учествуваат во мисиите во делот на Коса-север, Командата за обука, советување и асистирање.  Финансирањето за надоместоците, како плати ќе ги покрива Македонија, додека трошоците за транспорт, сместување и исхрана ги обезбедуваат партнерските земји.

Претседателот на собраниската Комисија, Хари Локвенец побара од министерката да појасни што би значело членството на Македонија во НАТО во однос на мисиите, односно дали ќе дојде до зголемување на бројката на војниците.

-Ова се теми за кои разговараме во претпристапните разговори со НАТО и една од политичките пораки кои ни ги испраќаат не е само нашиот долгогодишен ангажман во НАТО мисиите кој секогаш се цени, туку и фактот дека секогаш одлуките за НАТО, но и за другите мисии се носат со големо мнозинство во Собранието. Одлуката за нашето учество во мисиите е одлука што ја носи Собранието, но факт е дека нашата војска во име на интероперабилноста и членството во НАТО ќе треба да има поголема бројка на војници подготвени за учество, појасни министерката.

Таа додаде дека се прави проценка во преговорите колкав дел од македонските единици ќе бидат декларирани, на кои места во структурата на НАТО земјава ќе испраќа припадници и во кои од тие команди ќе имаме шанса да пласираме наши офицери.

Шекеринска истакна дека како и Црна Гора и Македонија одлучила да испрати свој припадник во КФОР.

– Сметаме дека тоа е добро за градењето на безбедноста и секако  уште на едно место нашето знаме да биде истакнато паралелно со земјите-членки на НАТО, додаде министерката за одбрана.

Информира дека следната недела првата информација од резултатите на претпристапните разговори со НАТО ќе биде образложена на владина седница.

Пред членовите на Комисијата истакна дека учеството во мисијата Алтеа во БиХ е шанса Македонија да биде присутна и во дебати на тема безбедност, кои се водат во ЕУ.

Македонија во Алтеа ќе учествува со еден припадник, овој пат штабен офицер.

– Најголемо искуство досега имавме со лекари, а сега гледаме можност да ја смениме структурата. Имаме мал број лекари и се случува практично само на нив да можеме да се потпреме, појасни Шекеринска.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев истакна дека испраќањето припадници на АРМ во мировни операции е тема која ги обединува и власта и опозицијата со години наназад и нагласи дека смета дека ова треба да биде едногласно поддржано од аспект на стекнување углед кај партнерите.

-Станува збор за операција предводена од НАТО, втората е од ЕУ.  Овој политички капитал, кој Македонија го стекна изминатиот период сметам дека е нешто што дополнително ќе придонесе да се стекне доверба во нашата држава, во АРМ, од аспект на интероперабилност со партнерите. Се надевам дека во блиска иднина кога ќе бидеме полноправна членка на НАТО таа доверба ќе биде и валоризирана, рече тој.