Македонија
2. November 2017 - 19:13

Македонија ќе ги исполни условите за ЕУ до 2023 година

Двајца професори на Лондонската школа за економски и политички науки објавија научен труд кој предвидуваат дека Македонија е единствената земја од регионот која може да се приклучи кон ЕУ до 2023 година.

Тина Фрејбург и Тобиас Бохмелт својата студија ја базираат на капацитетот на земјите кандидати за членство да го хармонизираат своето со опсежното законодавство на Европската Унија, што претставува примарен услов за продолжување на преговорите и пристапување кон Унијата.

Користејќи ги критериумите за членство од проширувањето во 2004-та година, резултатите покажале дека само Македонија може да ги усогласи истите до 2023. Србија и Турција најверојатно тоа ќе го постигнат до средината на 30-сетите години од овој век, а Албанија и Босна и Херцеговина може да имаат потешкотии да ги исполнат критериумите дури и по 2050-та година. Црна Гора не е земена предвид поради недостаток на податоци.

Во анализата се објаснува дека предвидувањата за способноста на земјите да го усвојат правото на Унијата се базираат на нивната способност да ги почитуваат законите на ЕУ користејќи ги овластувањата за трошоците за приспособување и административните капацитети. Притоа, користат показатели кои прецизно го предвидуваат однесувањето на претходните, сегашните и идните кандидати за членство почнувајќи од 1998 година.

Двајцата професори сепак предупредуваат дека одредени процеси може да влијаат на брзината на придружување на земјите кандидати во Европската Унија, пред се од политичка природа. Како пример на забрзување на процесот го наведуваат трансферот на власта во Македонија на попроевропска влада, како и назадувањето на демократските процеси во Турција кои можат да го замрзнат процесот со години.

Прогнозата, како што наведуваат авторите се базира на прецизни податоци, и исклучуваат непредвидливи настани. Притоа тие не ја земаат предвид блокадата од Грција, која цела деценија ја спречува Македонија да се придружи кон НАТО и да ги почне преговорите со Европската Унија.