Македонија
23. September 2018 - 12:59

Македонија го започнува процесот на скрининг за преговорите со ЕУ

На 27 септември започнува подготвителниот период за процесот на пристапување на Македонија во ЕУ.

Вицепремиерот и шеф на делегацијата на Македонија за преговори со ЕУ Бујар Османи на прес-конференција денеска објави дека ќе ја предводи македонската делегација во Брисел која на 27 септември ќе го започне скринингот за поглавјето 23 - правосудство и фундаментални права. Во делегацијата, која ќе брои четириесетина лица од повеќе министерства институции, ќе биде и министерката за правда Рената Дескоска.  

- Во Европската комисија ќе го започнеме објаснувачкиот скрининг. Од страна на ЕК ќе биде презентирано првото поглавје за правосудство и фундаментални права односно поглавјето 23 со што и формално започнува скрининг процесот како подготовка за почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ, истакна Османи. 

Ова, како што рече, претставува исклучително важен настан и пресвртна точка со која Република Македонија и формално го започнува последниот дел од патот за полноправно членство во Унијата, нешто што одамна го чекавме и за што долги години се подготвуваме. 

До јуни 2019 година кога завршува скринингот во Брисел ќе отидат 33 вакви делегации со што ќе бидат опфатени над илјада претставнции од институциите од земјата. Втората фаза, појасни Османи, е билатералниот скрининг кој претставува пообемен и покомплексен процес.

- Ние сме свесни дека тоа претставува сериозен предизвик за Република Македонија и дека во наредниот период ќе има засилено темпо и обврски, но и можност да покажеме колку сме подготвени како земја за да се справиме со предизвикот за усогласување со стандардите и вредностите на ЕУ. Во оваа насока ќе ни биде потребна севкупната експертиза од Република Македонија, кажа Османи.  

Преговорите, доколку се исполнат сите потребни услови, би требало да почнат во јуни или после јуни следната година. 

Владата денеска објави јавен повик за пријавување на надворешни експерти за процесот на објаснувачкиот скрининг и преговори за пристапување кон ЕУ. 

Целта е да се направи база на експерти од едно или повеќе поглавја во правото на ЕУ, рече Бојан Маричиќ, главен технички преговарач и шеф на преговарачкиот тим, додавајќи дека тие би можеле да бидат ангажирани привремено или на подолг рок во текот на целиот процес. 

- Процесот на преговори за пристапување на Република Македонија кон Европската унија е комплексен процес на целокупна трансформација на општеството и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, рече Маричиќ. 

Администрацијата и институциите ќе бидат носители на овој процес, но неопходно е активно учество и вклучување на сите чинители на општеството и мобилизација на сите човечки ресурси со кои располага државата.

Оние кои што сакаат да се пријават на јавниот повик треба да достават работна биографија и писмо за мотивација со точно наведување на поглавјето, подрачјето или подтемите во рамки на поглавјата за кое заинтересираното лице има експертиза. Документите треба да бидат доставени на македонски или албански јазик и на англиски јазик по електронски пат на адресата eupregovori@vlada.gov.mk најдоцна до 10 октомври до 20 часот. 

Маричиќ нагласи дека тоа нема да значи исклучување на граѓанското општество од процесот на преговори. Моделот за нивно вклучување допрва треба да се договара.