Македонија
2. August 2020 - 16:32

Македонија го слави Илинден - на Мечкин Камен без масовна прослава за 117 години од Илинденското востание

Пандемијата целосно ги промени плановите, но и начинот на чествување на Илинден во Крушево. Делегацијата која требаше да биде предводена од спикерот на Собранието Талат Џафери беше предводена од потпретседателот Горан Мисовски, бидејќи Џафери се соочува со корона вирусот.

Мисовски во обраќањето пред присутните граѓани порача дека Илинден е концепт кој обединува и гарантира заедничка и просперитетна држава. Осврнувајќи се на протоколот кој беше потпишан во Собранието и ратификуван за членство во НАТО тој порача дека поскоро се потребни функционални институции кои ќе гопродолжат евроинтегративниот пат на државата. 

- Од минатиот 2. Август до овој 2. Август помина само една година меѓутоа верувам дека и Вие го делите моето мислење дека тоа е година која ќе ја запомниме по еден од најзначајните датуми за нашата земја. Имено, 11 февруари оваа година Собранието го ратификуваше протоколот за членство на Северна Македонија во воено-политичкиот сојуз на НАТО. Стратешката цел која беше поставена уште во 1993 година веднаш по независноста на земјата за во 1995 година да се стекнеме со кандидатски статус. Работевме напорно од сите политички провиниенци за да можеме да бидеме дел од големото семејство на НАТО сојузот. Имајќи предвид дека неодамна имавме парламентарни избори и во очекување сме на одржување на конститутивната седница на Собранието апелирам до сите политички чинители без оглед дали се власт или опозиција, сите кои сме добиле одговорност да ја водиме државата доверена од граѓаните со визија и мудрост да ја оправдаме нивната доверба и да ги исполниме ветувањата и заложбите дадени пред нив, порача Мисовски на обраќањето.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак изразија незадоволство за тоа во каква атмосфера поминало чествувањето на Илинден во Крушево велат дека во минатите години чествувањето било многу подостоинствено.

- Многу поубави ми биле другите Илиндени, затоа реков да веруваме дека само корона кризата е причина за денешново вакво прославување, односно одбележување на Илинден. Се надевам дека ако од задутре имаме конститутивна седница после роковите ако се исполнат барем од први септември ќе почне да се функционира во една нормала за која се брзаше и со овие избори па се надеваме дека и корона кризата навистина ќе се стави во рамки во какви е ставена во соседниве држави. Скандирањата се од слободните граѓани во оваа држава, секој има слобода да си го изрази своето мислење и збор така што останува  на вашите камери тоа да го забележат и да видат што граѓаните порачуваат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните кои беа присутни во мал број на Мечкин Камен ја исвиркаа владината делегација и испратија порака дека тие се предавници. 

Оваа година на коњаницата која традиционално пристигнува во Крушево не и беше дозволено да присуствува за време на официјалниот дел на церемонијата. 

- Оваа година поради безбедносни мерки бевме повикани во Колективниот штаб на МВР, ни беше кажано дека не можеме да пројдеме низ шпалирот со официјалните делегации, поради пандемијата од корона вирус бевме задржани до Мечкин Камен како што гледате еве македонскиот народ нас не поздрави, влеговме, ќе положиме цвеќе. Оваа година прв пат се случува такво нешто се надеваме дека не било злонамерно, изјави Игор Трпковски.