Македонија
30. September 2016 - 8:25

Македонија домаќин на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ

Од денеска до 2 октомври Собранието на Република Македонија ќе биде домаќин на Петнаесеттата есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), на која се очекува учество на делегации од 51 земја учеснички во ОБСЕ од Европа, Централна Азија и Северна Америка, и земји-партнери за соработка со ОБСЕ.

Во работниот дел на сесијата ќе се одржи седница на Постојаниот комитет, Парламентарна конференција „Зајакнување на мерките за зградење доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ„ и Медитерански форум.

На есенската сесија што ќе се одржи во Македонија се очекува да учествуваат делегации од 51 земја. Досега, пријавени се 370 учесници, од кои 220 се пратеници, со што, како што информираат од Собранието, ова е најголем парламентарен настан организиран во Република Македонија.

На отворањето на есенската сесија на ПС на ОБСЕ, ќе се обратат претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, потпретседателката Рената Дескоска и  претседателката на ПС на ОБСЕ Кристин Мутонен. На сесијата, се очекува да учествува и Ламберто Зениер, генерален секретар на ОБСЕ, кој ќе се обрати на седницата на Постојаниот комитет што ќе се одржи на 1 октомври. 

Според најавата, за време на конференцијата обраќања ќе имаат министерите за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, на Турција Мевлут Чавушоглу, како и министерот за внатрешни работи на Македонија Оливер Спасовски. 

Работниот дел на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ ќе почне денеска во 10 часот со седница на Медитеранскиот форум на тема „Промовирање на безбедноста и соработката во Медитеранот“, на кој се очекува да зборува потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски. 

На Парламентарната конференција „Зајакнување на мерките за зградење доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ“, ќе се работи во три сесии на теми за „Доброто владеење како основа за поттикнување на економскиот развој во регионот на ОБСЕ“, „Развој на демократските вредности и институции и човековите права во ЈИЕ: улогата на ОБСЕ“, и „Подобрување на управувањето со меѓународната миграција“, врз основа на човековите права“.

Предвидена е и тркалезна маса со шефовите на мисиите на ОБСЕ во Македонија, Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија.

Во ПС на ОБСЕ членуваат 323 членови на парламентите од 57 држави учеснички во ОБСЕ.