Македонија
24. February 2016 - 11:03

Македонецот Виктор Илиески дел од „Тhe No Borders Orchestra“

Македонскиот тромбонист Виктор Илиески вработен во Македонската филхармонија и член на „Тhe No Borders Orchestra“, настапуваше со јужноафриканската продукција предводена од Third World Bunfight Production.

По успешната турнеја минатата година во Австралија, Јужна Кореја и Германија, годинава продукцијата имаше успешни настапи во KVS центарот во Брисел. Продукцијата е под режисерското водство на Брет Бејли, а диригент е Премил Петровиќ со солистите од Јужна Африка.

- Следуваа два успешни перформанси во Франција, каде имаше одличен прием од публиката. „Магбет“ конечно дојде и на поранешните југословенските простори, во Љубљана во големата сала на Цанкарјев дом, вели во писмената изјава  Виктор Илиески. 

Според него, со оваа продукција се испраќа една симболична порака да се надминат конфликтите и границите меѓу луѓето од различните нации, вери, раси и родови. Тој истакна дека интересот за оваа претстава е секаде огромен и додаде оти со месеци однапред се распродадени билетите. 

Оваа продукција е составена од пејачи кои потекнуваат од Јужна Африка и оркестар составен од професионални музичари од поранешните југословенски републики.

Од оваа сезона, како дел од продукцијата и член во „The No Borders Orchestra“ е и македонскиот контрабасист Диме Димовски, кој е вработен во Загрепската филхармонија.