Македонија
22. April 2021 - 16:43

Македонци со или без бугарски пасоши можат да се вакцинираат во Бугарија

Бугарскиот пасош не е услов за македонски граѓани да добијат вакцина од Фајзер и Модерна во Софија. Од вчера оваа услуга е достапна во бугарската клиника Комак Медикал а преку нејзината канцеларија во Скопје, сите заинтересирани можат да добијат детални информации. Процесот оди на тој начин што оние кои сакаат прво се пријавуваат во претставништвото во Софија каде ги прават листите и од каде ги известуваат за датумот за вакцинација.

Вакцината е бесплатна а дозите од овие производители се ограничени. Кој сака може да ја избере и Астра Зенека која ја има во поголеми количини, информираа од канцеларијата на Комак Медикал во Македонија. Оваа идеја потекнува од директорот на клиниката Милен Врабевски, чија установа, пак, доби дозвола од бугарските власти за вакцинација на 7 април светскиот ден на здравјето.

 Вакцинални сертификати ќе може да издадеме само на оние кои имаат бугарски пасош, но нема да вратиме никој кој сака да биде вакциниран, напиша Врабевски на социјалните мрежи.

Засега од претставништвото во Скопје не кажуваат бројка на имунизирани овие два дена, меѓутоа велат имаат голем број јавувања од граѓани.

Пред Бугарија, околу 15 000 македонски граѓани примија Астра Зенека во Србија и најверојатно таму ќе одат и за ревакцинација бидејќи термините им се веќе закажани, информираа српските власти.

Колку Македонци примиле вакцина во странство надлежните незнаат. По повикот дека можат да добијат Фајзер и Модерна и во Бугарија, од министерството за здравство добивме одговор дека тоа е личен избор на секо јпоединец.

Таква иницијатива до Министерството за здравство не е стигната. Вакцинацијата е личен избор на секој граѓанин. За уредно вакциниран се смета секој кој има потврда за ревакцина од валидна здравствена институција, ни одговорија од МЗ.

Инаку според последните информации од сајтот за вакцинација, досега во земјата вакцини примиле над 43 000 граѓани, но во оваа бројка ги нема лицата кои биле имунизирани надвор од границите на земјата.

По пристигнувањето на 10.000 вакцини од фајзер, надлежните најавија дека до крајот на месецот треба да пристигнат 200 000 вакцини од Синофарм со што ќе го забрзаат и процесот на дневна основа.