Балкан
3. January 2020 - 20:22

Мајко со поддршка на Црна Гора: Цркви има многу, а Бог е еден

Поранешниот албански премиер и актуелен министер за дијаспора Пандели Мајко застана на страната на Црна Гора за нападите врз нејзината амбасада во Белград, по усвојувањето на законот за верска слобода.

Мајко вели дека српската неодговорност бара да се наметне, но потсетува дека има многу цркви и само еден бог.

– Има повеќе од една причина за да се застане на страната на Црна Гора и нејзината Влада, пред притисоците на добро познатата српска неодговорност во регионот со која се обидува да се наметне. Цркви има многу, а Бог е еден, рече Мајко.

Во врска со нападот врз црногорската амбасада во Белград претходно остро реагираше албанската опозициска Демократска партија(ПД).

Со оглед на отворената провокација против НАТО и ЕУ, сметаат албанските демократи и обвинуваат дека „некои кругови во Белград сериозно ја загрозуваат стабилноста на Балканот“.

Но, ПД остро ја критикува и Владата во Тирана, предводена од премиерот Еди Рама, за молчењето во врска со состојбата во Црна Гора.

„Неприфатлив е молкот од страна на Владата во Тирана во врска со оваа тешка состојба во Црна Гора. Шефот на оваа Влада избра да ја затвори устата пред оваа опасна ескалација на Белград против стабилноста и суверенитетот на Црна Гора. Ова молчење станува уште потешко кога Албанија е на чело на ОБСЕ, организација чиј мотив за постоење е безбедноста и демократски стандарди на соживот, наведува ПД во реакцијата.