Македонија
23. February 2020 - 20:09

МАЕИ бара признавање на македонското малцинство во цела Албанија за да се сузбие бугарската пропаганда

Оваа година е многу важна за Македонците во Албанија бидејќи ќе се спроведе попис и затоа е потребна поддршка од сите македонски здруженија, но и институционална поддршка од Македонија бидејќи има засилен притисок од бугарската пропаганда. Ова денеска во Битола го истакна Васил Стерјовски, пратеник од Македонската алијанса за европска интеграција во Собранието на Албанија.

- Албанија пред две години беше приуморана да признае бугарско малцинство иако не постои такво, Бугарија врши агресивна политика на асимилација на Македонците, сака да го искористи овој попис, да прикаже вештачко бугарско малцинство. Ние сме оставени сами таму во Албанија, апелирам на поддршка од институциите на Македонија во договор со албанските институции, ние сме прво албански граѓани, Македонци и нерасклинлив дел од македонскиот народ, изјави ВАСИЛ СТЕРЈОВСКИ, ПРАТЕНИК ВО АЛБАНСКОТО СОБРАНИЕ.

Тој наведува дел од притисоците кои се вршат.

-Прават бесплатни екскурзии во Бугарија. Нема млад во Преспа, Голо Брдо, а да не бил по една недела бесплатно  во Бугарија. Нудат бесплатно образование. Главното е што сите албански граѓани вклучително и Македонците се заинтересирани за бугарски пасош, како можност да мигрираат во западните држави. Тоа е демографски проблем, селата се испразнија. Албанските власти не сакаат да се мешаат, сметаат дека е проблем меѓу Македонија и Бугарија и не е нивна битка, рече Стерјовски.

Стерјовски денеска во Битола присуствуваше на Семакедонската регионална конференција помеѓу Сојузот на Здруженијата на Македонците и деца бегалци од Егејскиот Дел на Македонија - МАКЕДОН и Македонска Алијанса за Европска Интеграција.

-Разговараме за продлабочување на соработката помеѓу Македонците од двете страни на границата, со што ќе ставиме акцент на зближување на младите луѓе, изјави АЛЕКСАНДАР ЈАНЕВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОЈУЗОТ - МАКЕДОН.

Беше потпишан и Меморандум за соработка.