Свет
13. јуни 2016 - 8:32

Мадуро: Референдум во Венецуела може да има најрано во 2017 година

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро изјави дека референдум со кој опозицијата бара да се изгласа негово сменување, не може да се одржи во текот на оваа година.

- Нема веќе време тоа да се организира сега, па ако опозицијата се држи за прописите, ново собирање потписи и референдум би можело да се организра најрано во 2017 година, изјави Мадуро на собир во Каракас.

Изјавата на претседателот доаѓа откако Државната изборна комисија објави дека меѓу досега собраните потписи за референдум, имало 600 илјади, кои таа ги означи како „невалидни“.

Опозицијата ја обвини Изборната комисија дека е „инструмент на власта“ и дека помага да се блокира и оневозможи целиот процес.

Венецуелскиот претседател, пак, го критикуваше однесувањето на опозицијата, означувајќи го како „срамно“ и се закани дека ќе побара од Врховниот суд да го поништи целиот процес.

Оозицијата претходно објави дека се собрани 1,85 милиони потписи за покренување референдум, што е многу повеќе од потребните 197 илјади, за почнување на постапката за барање референдум. Но изборната комисија, а пред тоа и Владата и претседателот Мадуро, тврдат дека во целата таа работа имало „многу неправилности“.

Венецуела подолго време се наоѓа во длабока економска криза, проследена со инфлација и со недостиг на низа основни производи за населението, како и со политичка криза која ја блокира земјата.

Опозицијата го обвинува претседателот дека е виновен за кризата, поради водењето левичарска социјалистичка економија и политичкиот популизам за да ја добие наклонетоста на сиромашните слеви во општетството, Мадуро меѓутоа тврди дека земјата се соочува со „буржоаски бунт потикнат од странство“.

Венецуелската опозиција од декември минатата година ја има контролата врз Парламентот, но Мадуро цврсто раководи со Владата и со целиот извршен апарат на државата, вклучувајќи го и целиот судски систем, со што ги блокира сите обиди на пратениците за промени.