Македонија
20. March 2017 - 16:15

Лутфиу ја потпиша Програмата за вториот циклус студии на Факултетот за исламски науки

Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу заедно со претставници на Министерството денеска се сретна со раководството на Факултетот за исламски науки.

Од МОН соопштија дека нивната делегација била пречекана од претседателот на Исламската верска заедница, Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи и деканот на Факултетот за исламски науки доц. д-р Фаредин Ебиби.

Министерот Лутфиу на претседателот на ИВЗ и на деканот на Факултетот за исламски науки им честитал за Решението за почеток со работа од страна на МОН за вториот циклус студии од академската 2017/2018 година. Исто така, од МОН се обезбедени четири милиони денари за научната и образовната дејност на ФИН.

На средбата министерот и претседателот на ИВЗ разговарале и за надминување на предизвиците во насока на создавање на поквалитетни кадри, конкуренти во областа на развојот на оваа висока образовна институција.

Во текот на посетата, претседателот на ИВЗ, Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи на министерот Лутфиу му се заблагодарил за поддршката.