Бизнис
21. August 2019 - 16:12

Лозарите најавија протести, бараат повисока откупна цена на грозјето

Здружението „Напредни лозари“ од Кавадарци за задутре најави протест во знак на револт од ниските откупни цени на на грозјето. Првиот протест е закажан за в петок во 20 часот на кавадаречкиот плоштад. Од Здружението побараа помош од државата за надминување на проблемот.

Излегуваат на протест затоа што винарите им нуделе многу пониски цени  од тие што ги бараат – најмалку 16 денари за килограм „смедеревка“ и плус денар, два повеќе за „вранец“.

Цената на грозјето кај нас, како што велат, е многу пониска отколку во соседството и подалеку.

– Почна откупот на грозјето, а цените не се објавени. Притиснати поради фактот што грозјето е зрело и не може да чека, лозарите мораат да го даваат грозјето под условите на винарите, без никаков претходен договор. Нашиот пазар на грозје претставува црна дупка во Европа. Лозарите се робови на своите имоти, иако цел живот инвестирале во нив и произведуват производ стратешки значаен за државата. Владата да обезбеди конкуренција на пазарот, со отварање на границите за грозјето, а ако е потребно и да го субвенционира извозот, за да се зголеми конкуренцијата, рече Стојко Јанкулов од здружението „Напредни лозари“.

Според Ѓорѓи Мешков, со манипулација кај шеќерните единици, винарите сакаат, како што рече, да ни го земат грозјето многу поевтино. – Ни ги даваат најмизерните цени во цел свет. Така е цели три децении. Имаме проблем со винската олигархија, која со години наназад е создавана од разни политички естаблишменти. Револтот е и кон институциите кои треба да преземат мерки. Да се одредат експерти и соодветни лица заради утврдување на шеќерна зрелост и шеќерни единици, да се отворат границите за грозјето, цената на грозјето да ја формира посебен одбор за да нема манипулации, да се одреди производствена цена, или државата да субвенционира до цените кои ги бараме, но последново важи само за оваа реколта, нагласи Мешков.

Претседателот на здружението, Трајче Кулев, пак, нагласи дека не треба да заборават оти оваа Влада доволно им помогнала.

-Да не заборавиме дека со тие субвенции што Владата ни ги дава, ние преживуваме. Да не се тие, ние сме во тотален хаос. Но, нам ни треба профит, треба и ние да заработиме за да одиме на одмор, додаде Кулев.

Во Кавадарци има околу 500 регистрирани лозари, како и околу седум илјади производители на грозје.