Свет
4. October 2018 - 9:38

Лондон ја обвинува руската разузнавачка служба за кибер-напади во светот

Британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант ја обвини руската воена разузнавачка служба (ГРУ) дека извршила низа кибер-напади врз политички и спортски институции, компании и медиуми во светот.

– Таквото однесување ја покажува нивната желба да дејствуваат непочитувајќи го меѓународното право и без размислување за последиците како никогаш да нема да  бидат казнети, изјави Хант.

– Нашата  порака е јасна. Ние и нашите сојузници ќе откриеме и ќе одговориме на обидите на ГРУ да ја наруши меѓународната стабилност.

Според МНР, Британскиот национален центар за кибер-безбедност открил дека ГРУ стојат зад најновите кибер-напади во светот.

– Тие напади погодија државјани на многу земји, меѓу кои и Русија, и тоа ги чинеше државите милиони фунти, додаде тој.

Меѓу нападите е и оној врз американската Демократска партија што беше увод во скандалот за руското мешање во американската претседателска кампања во 2016 година, за кој Вашингтон веќе ја обвини ГРУ.