Балкан
25. July 2021 - 15:39

Лончар: Во Србија најголем број заразени се вратените од одмор

Министерот за здравство, Златибор Лончар денеска изјави дека во Србија се вакцинирани 48,49 отсто од граѓаните, што не е доволно и дека сите позитивни на коронавирус се вратените од летните одмори кои се претежно невакцинирани, јави дописникот на МИА од Белград.

Лончар за ТВ Пинк предупреди дека од овој проблем нема да се излезе ако е бавна вакцинацијата, ако се дозволи вирусот да мутира и вакцините да не бидат доволно средство за негово сузбивање.

Тој оцени дека не е доволно само во една земја да се вакцинираат доволен број луѓе, бидејќи „вирусот не познава граници“.

Министерот за здравство изјави дека апсолутно се залага за задолжителна вакцинација на здравствените работници и оние кои се во чест контакт со луѓе, како што се таксистите, службени лица и други, додавајќи дека кај младите има проблем во пристапот затоа што често кога ги прашувате зошто не се вакцинирани нивниот одговор е дека не знаат.

– Вакцинацијата е единствениот начин да се спасат човечки животи и здравствениот систем, изјави Лончар, потсетувајќи дека во Србија доаѓа петтата вакцина – „Модерна“, која покажала одлични резултати.

Министерот за образование, наука и технолошки развој Бранко Ружиќ предупреди дека начинот на наставата од 1 септември ќе зависи од препораките на Кризниот штаб, порачувајќи дека без вакцинација на задоволително ниво, можеби нема да може редовно да се организира следната учебна година.

Во последните неколку дена, во Србија бројот на новоинфицирани со коронавирус расте.

Вчера во Србија коронавирусот е потврден кај уште 249 лица, од 8.596 тестирани, а петмина пациенти починаа како резултат на инфекцијата.

Експертите посочуваат дека бројките предупредуваат дека четвртиот бран е пред нас и дека на удар ќе бидат невакцинираните, поради што е потребно да се забрза вакцинацијата.

Тие предупредија и на фактот дека трицифрениот број на заразени лица во Србија е поради ниското ниво на вакцинација, особено ниската стапка на вакцинација кај младите.

Стручниот комитет за имунизација пред три дена ја препорача третата доза на вакцинација за коронавирус.