Живот
28. October 2015 - 16:05

Љупка и Маричка од Неготино го живеат својот сон во Дубаи

Сестрите Љупка и Маричка Трајкови од Неготино, веќе неколку години градат успешни кариери во Дубаи, каде што се едни од најбараните модели, пишува „Вест“.  Со убавите кадрави коси, сосема природни, без ниту една естетска интервенција и без грам силикон, тие се заштитни лица на многу познати брендови и велат дека не планираат да се враќаат во Македонија, туку ќе го продолжат животот во арапската земја, каде што го живеат својот сон.

Пред четири години се преселив во Дубаи, во потрага по подобар живот. Додека живеев во Македонија, повремено имав ангажмани како модел, рекламирав наши, македонски модни брендови. Факт е дека кај нас од убавина тешко се живее. Кога дојдов во Дубаи, не мислев дека ќе се занимавам со моделство, па започнав со работа во бутик. Со тек на време, успеав да напредувам и сега сум менаџер на ланец од бутици на познат бренд од Англија. Но бев забележана од модни агенти коишто ми понудија да ги рекламирам нивните производи, па така спонтано ми се отворија и вратите на моделството овде. Најчесто сум ангажирана околу рекламирање на свечени тоалети, а кога пред две години и сестра ми Маричка се пресели во Дубаи, и двете заедно започнавме да снимаме каталози и реклами за разни компании. И сестра ми хонорарно се занимава со моделство, а работи како агент за недвижнини”, ни изјави Љупка.

Во Дубаи вели може сосема пристојно да се живее и само од моделство.

“Поради нашиот специфичен изглед, светлите кадрави коси, интересни сме им на Арапите, па понудите за работни ангажмани секојдневно пристигаат. Исто така, добиваме и многу понуди да се појавиме на отворање на познати бутици, клубови, на свечени настани, станавме дел од елитниот свет во Дубаи. Нашите ангажмани само докажуваат дека луѓето овде ја ценат вродената убавина на жената, дури и арапскиот свет е заситен од силиконски убавици и бара девојки со природен изглед”, раскажуваат сестрите.
Засега моделството ќе им остане само секундарна професија, бидејќи сакаат да имаат успешни кариери во своите првични професии, односно во менаџирањето на бутици и продажбата на недвижнини. Во Македонија ќе доаѓале повремено, само на летување и да се видат со најмалата сестра, внуката и со мајка им.