Македонија
22. May 2016 - 12:09

Литературно матине за деца, во Општина Илинден

Во рамките на 17-та Литературна манифестација „Илинден 2016“ во Домот на култура „Илинден“, се одржа традиционалното Литературно матине за деца, при што учениците од Општина Илинден имаа можност да се дружат со дванаесетмина писатели за деца и млади кои се претставија со извадоци од своите дела.

Учениците со внимание ги следеа настапите  на реномираните писатели Стојан Тарапуза, Перо Миленковски, Горјан Петревски, Славка Арсова, Наум Попески,  Александар Поповски, Ксенија Маказиева Трајчева, Христо Петрески, Велко Неделковски, Вера Симовска, Ванчо Полазаревски и Александар Кујунџиски наградувајќи ги со бурни аплаузи.

Традиционално, и на ова 17-то Литературно матине за деца жири комисија составена од писатели за деца и млади, како и во изминатите години, ги избра најдобрите творби на учениците кои што учествуваа на конкурсот што го организираше Општина Илинден. Како што истакна претседателот на жири комисијата, писателот Перо Миленковски, комисијата била на вистински маки да одбере само 9 од пристигнатите 120 вистина квалитетни трудови.

Авторите на најдобрите три песни од секое училиште беа наградени со посебни признанија што им ги додели градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, а признанија добија и менторите на наградените ученици, наставниците по македонски јазик.

Признание за посебен придонес во афирмацијата на културниот развој на Општина Илинден, градоначалникот Стојановски им додели на писателите за деца и млади кои што учествуваа на Литературното матине за деца.

Пред одржувањето на Литературното матине, писателите и претставници на Општината го посетија гробот на поетот Драган Крушкаровски, при што положија свежо цвеќе. Пригодна реч за поетот во чија чест пред 17 години почна да се одржува Литературната манифестација „Илинден“, одржаа писателите Горјан Петревски и Христо Петрески.

За време на престојот во Општина Илинден писателите за деца и млади во друштво на градоначалникот Стојановски, го посетија паркот на Домот на култура „Илинден“ каде што е во тек изградба на „Галерија на отворено“.