Свет
8. February 2018 - 20:32

Лидерите на Турција, Русија и Иран договорија самит за Сирија

 Претседателите на Турција, Русија и Иран денеска се договорија да се сретнат во Истанбул за да разговараат за конфликтот во Сирија, соопшти неименуван извор од турскиот претседателски кабинет.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган имал одвоени телефонски разговори со претседателот на Русија, Владимир Путин и на Иран, Хасан Рохани, при што е договорено датумот за самитот да се прецизира во наредните недели.

Кремљ соопшти дека Путин и Ердоган се согласиле да ја зголемат соработката меѓу воените и безбедносните служби на двете земји со цел борба против тероризмот во Сирија.

Трите земји последните месеци заедно работат на обиди да се намали насилството во Сирија, иако ги поддржуваат ривалските страни во таа речиси седумгодишна граѓанска војна.