Свет
11. јуни 2016 - 12:37

Либиската армија ја презеде контролата врз пристаништето во Сирт

Силите на меѓународно признатата либиска влада доцна синоќа успејаа да го ослободат пристаништето на градот Сирт од борците на џихадистичката група Исламска држава (ИД).

Либиските сили пред еден месец започнаа офанзива за преземање на контролата врз Сирт и протерување на џихадистите од реонот.

Портпаролот на либиската армија, генерал Мохамед Гусри изјави дека лидерите на ИД избегале во пустината, но дел од борците се уште се блокирани во центарот на градот.

Сирт, кој е родно место на соборениот либиски лидер Муамер Гадафи, се сметаше за едно од најважните упоришта на екстремистичката организација надвор од Ирак и Сирија. Градот беше заземен од ИД пред една година.