Македонија
13. April 2021 - 16:49

Лекувањето на ковид пациенти во приватните болници нема да може да надмине 5000 евра

Лекувањето на пациенти со Ковид-19 во приватните болници да се движи од 600 до 5000 евра исто колку што Фондот за здравство им плаќа на државните клиники. По големиот притисок од јавноста за астрономските суми за третман во приватното здравство, една година од почетокот на пандемијата Владата на денешната седница го усвои предлогот за измени за Законот за здравствена заштита за изедначување на референтните цени за дијагностицирање и лекување болни од Ковид и на државно и на приватно. Филипче ги повика сите пратеници да дадат подршка за овие законски измени.

-Во време на пандемија од клучна важност е пратениците да го изгласаат оваа законско решение со кое цените за третман на пациенти во приватните болници ќе бидат финансиски издржливи за сите граѓани, напиша на ФБ министерот за здравство Венко Филипче.

Инаку според податоците од Фондот за здравство еден ден лекување на пациент со Ковид по референтната цена чини од 100 до 130 евра, доколку болниот е приклучен на респиратор од државниот буџет се одвојуваат дополнителни 100 евра. Од Фондот велат дека пакетите, а со тоа и цените зависат и од болничките денови и од типот на на здравствената установа.

За болничко лекување во универзитетска клиника до 5 дена за еден Фондот на установата и префрла околу 665 евра, доколку пациентот лежи повеќе од 15 дена сумата е 3422 евра. За 5 дена лекување болен од Ковид во клиничка, општа или специјална болница тие од здравствената каса добиваат 500 евра или 2566 доколку болниот е хоспитализиран повеќе од две недели. Лекувањето на пациентите кои се на респиратор чини од 1235 до 5000 евра. 

Без разлика дали пациентот е осигуран или не, тој не плаќа ниту денар за третманот во јавната здравствена установа. 

Паралелно со владиниот предлог и пратеничката група Левица достави предлог - закон за утврдување на максималните цени за болничко лекувањре и тестирање на пациенти со Ковид-19 во приватните здравствени установи. Тие предлагаат комбиниран модел.

-Приватните болници се должни да обезбедат дел од болничките капацитети за лекување на заразени од Ковид-19 и тоа не помалку од 50 болнички кревети, а граѓаните кои ќе бидат згрижени не плаќаат, трошоците се на терет нна Фондот по регуларни цени, изјави Димитар Апасиев од Левица.

Левица предлага на товар на Фондот во приватни лаборатории да се врши и тестирање доколку има итна потреба и нема термин на државно, а цената да не надмине 20 евра.