Кошарка
26. May 2017 - 8:29

Лазовски ќе ја има првата прозивка на македонските кошаркарки

 
 
Марјан Лазовски новиот селектор на женската кошаркарска репрезентација на Македонија, вечерва ќе ја има првата прозивка. 
 
Со овој собир ќе започне официјалниот дел од подготовките на сениорките кои ќе учествуваат на меѓународниот пријателски турнир во организација на Македонската кошаркарска федерација на почетокот на месец јуни, воедно и за новиот квалификациски циклус. 
 
На прозивка закажана за 19 часот во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ на повикот на селекторот единствено ќе недостасува Сара Анастасиеска, која ќе се приклучи неколку дена подоцна, но затоа се очекува да се појават оние кои треба да го понесат товарот во новиот квалификациски циклус, Јелена Антиќ, Едина Муса, како и Американката Криси Гивенс.
 
„Репрезентација има солиден состав и добра основа. Проблем е што има пауза од три години, но имаме доволно време да се запознаеме и да пробаме да направиме најпрво добра атмосфера и секако да поставиме игра. Дури потоа преку квалификациите ќе видиме до каде сме. Она што ме радува е што кај девојките имаат желба, момент којшто мора да го искористат кошаркарките, јас како тренер и федерацијата која е главен иницијатор за активирање на сениорската репрезентација", изјави Марјан Лазовски.
 
Меѓународниот турнир ќе се одигра на од 2 до 4 јуни, а нашата селекција силите ќе ги одмери со Бугарија, Јапонија и на Босна и Херцеговина.
 
Со овие контроли „црвено-жолтите“ ја започнуваат „операцијата“ - квалификациите за Европското првенство, а противниците ќе бидат познати на 4. јули за кога е закажана ждрепката.