Македонија
4. February 2020 - 15:47

Лазаревска: Одговорните политики на СДСМ дадоа резултат, платите пораснаа во сите области и во јавниот и во приватниот сектор

Одговорните политики на СДСМ кои значат инвестирање во човечкиот капитал даваат конкретни и видливи резултати.

Раст на платите има буквално во сите области, и во јавниот и во приватниот сектор.

Минималната плата е покачена на 14.500 денари, што е за 60 отсто повеќе во однос на 2017 година кога таа изнесуваше само 9.000 денари.

Спиралата на раст на платите предизвика покачување на просечната плата на 25.787 денари, што е за 1.239 денари повеќе отколку во ноември 2018 година и е речиси за 2.600 денари повисока отколку во ноември 2017 година.

Од јануари оваа година за 10 отсто ги зголемивме платите во образованието. Над 32.000 граѓани вработени во основното, средното и високото образование добиваат значително повисоки плати. Со ова последно покачување, вкупното зголемување на платите во основното, средното, високото образование и во науката, изнесува кумулативно скоро 21% имајќи ги предвид претходните две покачувања за само една година.

Значително пораснаа и платите во социјалната и детската заштита.

Го вративме достоинството на воспитувачите и на социјалните работници. 1.170 вработени во Центрите за социјални работи добија историско зголемување на платите во просек за 4.363 денари по вработен.

Досега највисоко покачување добиваат и 3.138 негователи и воспитувачи во градинките кои сега земаат плата во просек за 3.000 денари повисока од претходно.

Растот на платите продолжува. Веќе од февруари значително се зголемуваат платите во здравството. Лекарите специјалисти, медицинските сестри и техничкиот персонал добиваат ново зголемување на платите.

Со мерките што ги спроведуваме обезбедуваме раст на платите во приватниот сектор.

Субвенционирањето на придонесите од задолжителното осигурување за компаниите кои ќе ги покачат платите до 6.000 денари досега го искористија над 20.000 компании или вкупно 106.000 вработени во приватниот сектор.

Воведовме и младински додаток на плата од 3.000 денари за млади до 23 години вработени во производство.

Сите овие мерки значат повисоки плати и повисок животен стандард. Ова не се само обични бројки, ова е реално подобрување на семејните буџети.

Продолжуваме и понатаму да инвестираме во човечкиот капитал. Го подобруваме животниот стандард на граѓаните и создаваме подобра иднина.