Македонија
25. January 2021 - 14:58

Кузеска: Пописот е важен за развојот на државата, не смее да се прекине

Прашањето на пописот е премногу важно за развојот на државата и не смее да се прекине поради политичките хирови на неспособниот Христијан Мицкоски или негови блиски поединци во ВМРО-ДПМНЕ.

Тие секогаш и во се’ ќе најдат причина да блокираат и опструираат. Тоа го видовме и во изминатите 3 години, секогаш делуваат спротивно на интересите на граѓаните и на државата. Постојано подбуцнување на конфликти во секоја можна прилика и блокади.

Таквите политичари како Мицкоски не се способни да понудат никаков напредок за граѓаните. Затоа го политизираат пописот, шират невистини и оспоруваат резултати на уште неспроведен попис, во некаков неразумен обид да го саботираат целиот процес. Немањето попис цели две децении е штетно.Пописот е основ планиран економски развој на земјата, за напредок.

Кога ќе имаме реална слика за состојбата на терен, ќе може да се креираат мерки и политики кои одговараат на вистинските потреби на народот – економски, здравствени, образовни, социјални, културни. Со тоа ќе се унапредат и нивните права и придобивки.

Јалови се обидите за наметнување дебата колку проценти е било која етничка заедница. Пописот ќе ја регистрира реалноста таква каква што е, а резултатите нема да значат суспендирање нечии права.

Пописот сега е вратен во рацете на институциите, на професионалците од Државниот завод за статистика. Операцијата ја спроведуваат професиналци по сите европски стандарди.

Така е правилно. А не како во минатото, ако политичко тело го спроведува пописот, тој најдиректно се политизира и на крајот нема резултат. ВМРО-ДПМНЕ го прекина последниот обид за попис, и тоа го направи откако потроши милиони евра народни пари.

Заврши времето на политикантски калкулации, интересот на граѓаните и на државата сега е на прво место. Нема да отстапиме пред оние кои во неуспехот на државата, гледаат можност за свој политички успех.

По 19 години, државата конечно ќе добие попис спроведен по сите меѓународни стандарди.

Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ